Запознајте ги…
Бејра Селифовска е студент на Институтот на специјална едукација и рехабилитација, а веќе 11 години работи во Институтот на физикална и медициска рехабилитација во Скопје. Димче Миланов е долгогодишен волонтер во Црвен крст Кисела Вода, кој се вклучил во организацијата преку Првата помош и беше ангажиран за време на мигрантската криза како животоспасувач.
Бејра за прв пат се сретна со организација на Црвен крст на многу невообичаен начин, во соработка со специјално училиштето за деца со оштетен вид-Димитар Влахов беше организиран лет на релација Скопје-Охрид за сите деца со оштетен вид. Таа вели дека тоа беше едно прекрасно и незаборавно искуство после кое стана волонтер во Црвен крст. Беше дел од многу обуки организирани од наша страна за децата со оштетен вид, беше дел и од ПХВ програмата преку која направија проект со кој собраа средства за купување на синтисајзер за нивен соученик. Беше дел и од проект преку кој ја посети Турција каде се здоби со знаења за природни катастрофи и начини на кои лицата со оштетен може и треба да се справат.
Димче веќе неколку месеци и е персонален асистент на Бејра преку програмата за персонални асистѕенти, финансиски поддржана од страна на МТСП. Црвен крст на град Скопје е провајдер на услугите и ги држи обуките за асистентите во времетраење од 3 месеци и прави спојување со корисници, но секако и се грижи сите да бидат задоволни низ целиот процес.
Тие се познаваат од претходно, беа другари, а сега имаат можност и да бидат соработници. Димче поминува по 20 часа во текот на неделата со Бејра, и помага таа полесно да функционира, но често пати прави работи со кои уште повеќе го подобрува квалитетот на нејзиниот живот. Излегуваат заедно во кафулиња, одат на концерти, кино…Нијансите го прават животот поубав.
Димче е благодарен за нештата кои ги има во својот живот, многу нешта научил преку Црвениот крст, се здобил со многу пријатели и смета дека е важно да се волонтира.
Една врата отвара друга врата.