Пребарувај по датум:

Центар за дарување крв

Чекор понапред во процесот на унапредување на крводарителството на територија на град Скопје претставува и отварањето на Центарот за дарување крв. Во наменски адаптирана просторија во склоп на ДХО Даре Џамбаз, крводарителите имаат можност својата хуманост преку чинот на крводарување да ја покажат секој работен ден 08:00-14:00 часот (сабота и недела се неработни денови). Центарот на свечен начин отворен беше на 18 Април 2013, а адаптацијата на просторот, како и наменското опремување на просторијата беше помогнато од град Скопје, како и неколку фирми и компании во град Скопје, а поддршка за успешно работење на Дневниот центар дава „Алкалод“ад Скопје.

Од отворањето па се до денес, согласно работното време, во просториите на Центарот присутна е екипа од Институтот за трансфузиона медицина како и социјален работник ангажиран од Црвен крст на град Скопје. Социјалниот работник е задолжен за психо-социјална поддршка на дарителите, поддршка на екипата од ИТМ, водење на евиденција за структурата на крводарителите, подготовка на извештаи за работа на Центарот и промоција на истиот.

Дневниот центар за дарување крв, примарно е место каде потенцијалните крводарители може да даруваат крв, но во просториите на истиот имаат можност да се дружат, разменат идеи и искуства, а потенцијалните крводарители преку наменски печатените и поставени информативни материјали за крводарителство може да добијат корисни информации за крводарителството.

Од отворањето на Дневниот центар за дарување крв, па се до денес, во просториите на истиот реализирани се околу 10 000 единици крв.

Со сите овие активности ќе се стремиме кон исполнување на нашите цели :

  • Надградување на капацитетите на организацијата во делот Крводарителство на територија на град Скопје
  • Мотивирање на потенцијалните крводарители и поттикнување на повеќекратните
  • Промовирање на здрави животни навики
  • Дружење, размена на идеи и искуства на крводарителите на територија на град Скопје
  • Зајакнување на соработката со нашите партнери Институтот за Трансфузиона медицина, како и со корпоративниот сектор (Алкалоид а.д. Скопје како наш донатор)

Најчесто поставувани прашања:

КОЛКУ ТРАЕ ДАРУВАЊЕТО КРВ?

По извршениот лекарски преглед и одредувањето на хемоглобинот во крвта, класично дарување крв трае десеттина минути. После тоа е предвидено време за одмор и дружење со други крводарители, освежување со лесен оброк и со безалкохолни пијалоци.

КОЛКУ ЧЕСТО И КОЈ МОЖЕ ДА ДАРУВА КРВ?

Крв може да дарува секое здраво лице на возраст од 18-65 години. Мажите даруваат на секои 3 месеци, а жените на секои  4 месеци.

ДАЛИ СЕ ТЕСТИРА КРВТА?

ДА. Ќе дознаете за Вашата крвна група и резус фактор. Вашата крв ќе помина низ многу лабараториски испитувања:

Тест за барање антитела- ги открива материите кои реагираат на страни крвни клетки, па може да дојде до несакани последици;

Се тестира дали дарителот боледувал од сифилис;

Воспаление на црниот дроб-жолтица;

Се прави испитување на антитела против предизвикувачот на СИДА (ХИВ вирусот)

Сетот за дарување е стерилен и е за една употреба.

Доколку Резултатите од лабараториските испитувања покажат некои отстапувања, трансфузиолошката служба ќе го информира крводарителот.

ТРЕБА ЛИ ДА СЕ ЈАДЕ ПРЕД ДАРУВАЊЕТО КРВ?

Крводарувањето е составен дел од секојдневниот човеков начин на живот и дарителот треба да јаде и пие вообичаено како секој ден. Дарителот подобро ќе се чувствува ако неколку часа пред  дарувањето има земено лесна храна.  Поради примателот на крв, НЕ се препорачува да се јаде изразито мрсна храна или пие алкохол 8 часа пред  дарувањето  крв.

ДАЛИ КРВОДАРУВАЊЕТО Е БОЛНО?

НЕ, освен еден мал убод, нема ништо да почувствувате. Тоа е навистина така. Ако дојдете на крводарителската акција што ја организира Црвениот крст- самото дарување трае 10 минути. Прегледот, пополнувањето на анкетниот лист, освежувањето и одморот ќе Ви одземат малку повеќе од половина час. Помислете само во текот на денот дека правиме безброј некорисни работи кои ни одземаат голем дел од корисното време.

КОИ СЕ НАЈЧЕСТИТЕ ПРИЧИНИ ЗА ПРИВРЕМЕНО ОДБИВАЊЕ НА КРВОДАРИТЕЛИТЕ?

Низок хемоглобин, висок или низок крвен притисок, жените за време на менструален циклус, бременост или доење , лесни акутни боленсти (кивање, настинка), тетоважа и пирсинг,алкохолизирана состојба,земање антибиотици,по примање на трансфузија, по оперативни зафати и сл. Ова се само неколку причини за привремено одбивање на крводарителите. Конечната одлука ја донесува лекарот при прегледот и разговорот со дарителот пред самиот чин на дарување крв.

КОИ СЕ НАЈЧЕСТИ ЗАБОЛУВАЊА КАЈ КОИ СЕ ПРИМЕНУВА ТРАНСФУЗИЈА НА КРВ?

Лекувањето со транфузија на крв е предуслов за многу медицински интервенции во спасувањето на човечки животи. Трансфузија на крв се употребува најчесто во следните состојби: анемии, малигни заболувања, изгоретини, лекување на новороденчиња, крварења, трансплантација на органи, операции на срце и големи крвни садови, пресадување на коскена срцевина.

КОИ КРВНИ ГРУПИ ПОСТОЈАТ И КАКВА Е НИВНАТА РАСПРОСТРАНЕТОСТ?

Постојат голем број на крвни групи, а од нив основни и најважни се крвните групи АБО системот и Рх крвните групи. Овој систем се состои од А,Б, АБ и О крвна група, а тоа се четирите крвни групи кои се наоѓаат на црвените крвни клетки – еритроцитите.

КОИ СЕ ДОБРОВОЛНИ ДАРИТЕЛИ НА КРВ?

Доброволни, неплатени дарители на крв, се лица кои даруваат крв, плазми или други крвни продукти на доброволна база.

Основните принципи на дарувањето на крв се:

Доброволност, анонимност и бесплатност.

Со цел да се обезбеди квалитетна и сигурна крв, Светската здравствена организација (WHO) и Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC), чиј член е Црвениот крст на Република Македонија, усвоија документ со кој се обврзуваат крводарителството да се темели исклучиво како доброволно и неплатено.

КОЈА Е УЛОГАТА НА ЦРВЕНИОТ КРСТ ВО КРВОДАРИТЕЛСТВОТО?

Од 1953 година, Црвениот крст на република Македонија е иницијатор и организатор на акциите за доброволно дарување на крв и се грижи за крводарителите, додека трансфузиолошката служба ја зема, тестира, обработува и дистрибуира крвта и се грижи за сигурна трансфузија на крв и крвни продукти. Во поголем број на држави во светот, крводарителството му е доверено на Црвениот крст или на Црвената полумесечина поради нивната хуманитарна мисија, развиена мрежа на организации на Црвениот крст или Црвената полумесечина на теренот и големиот број на волонтери што овозможува непрофитно собирање на крв.

КАКО МОЖЕ ДА СЕ ДАРУВА КРВ?

Најчестите начини на дарување на крв се:

  • “Класично“ дарување на крв што значи земање на една полна доза крв од 450 ml;
  • Дарување на крв со аферезна постапка (давање на делови од крвта);
  • Плазмафераза (давање на плазма);
  • Автологно дарување

КАКО СЕ СТАНУВА ДОБРОВОЛЕН ДАРИТЕЛ НА КРВ?

Едноставно – најнапред мора да донесете одлука дека сакате да дарувате крв и така да спасите човечки живот.

Јавете се во најблиската организација на Црвениот крст или во најблиската трансфузиолошка служба.

Дарувањето на крв е привилегија на здравите луѓе, затоа што само здрава личност може да биде доброволен дарител.

ИНФОРМАЦИИ

Доколку имате прашања поврзани со крводарителство, повеќе информации може да добиете на е-маил адресата: krvodaritel@redcross.org.mk

или

на веб страницата на Црвен крст на РМ ckrm.org.mk или пак на веб страната на Институтот за трансфузуиона медицина  itm.org.mk

Принципи
Хуманост
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Единство
Во една држава може да има само едно национално друштво на Црвениот крст или Црвената полумесечина. Мора да биде отворено за сите и да ја извршува својата хуманитарна работа на целата територија во земјата.
Универзалност
Меѓународното Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во кое сите друштва што го сочинуваат имаат еднаков статус, одговорности и должности взаемно да се помагаат, делува во целиот свет.
Доброволност
Тоа е движење за давање на доброволна помош кое не е инспирирано од материјални побуди.
Неутралност
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Непристраност
Не прави дискриминација врз основа на национална, расна, верска и класна припадност или политичко убедување. Настојува да ги олесни страдањата на поединците, водејќи се исклучиво од нивните потреби но, давајќи приоритет на најитните случаи.
Независност
Движењето е независно. Националните друштва иако делуваат како дополнение на хуманитарните служби на владите и се предмет на регулирање на националното законодавство, мораат да ја зачуваат автономноста за да можат да дејствуваат во секое време, согласно со принципите на Движењето.