Заедништво, хуманост, солидарност
Во знак на одбележување на Aмериканскиот национален ден за служба и сеќавање на жртвите од 11 септември, Американската амбасада во РСМ и Црвен крст на град Скопје со поддршка на ООЦК Чаир, традиционално, веќе 12 години организираат крводарителска акција и акција за донирање прехранбени продукти.
Оваа година, на 13 септември се одвиваше крводарителската акција во просториите на Амбасадата и на истата 31 лице, вработени во амбасадата на САД во Скопје даруваа крв. Акцијата ја посетија и даруваа крв и дел од преставниците на владиниот сектор, соработници на амбасадата, дипломатски претставништва. Во склоп на настанот, на наменски поставен пункт, донирани беа храна и прехранбени продукти од кои понатаму ќе се подготват пакети кои ќе се наменат за социјално ранливи семејства. Оваа активност беше и последна заедничка акција со американската амбасадорка во заминување г-ѓа Кејт Мери Брнз со која имавме одлична соработка сите овие години.
Како континуитет на крводарителската акција во соработка со Амбасадата на САД, 99 припадници на Министерството за одбрана на РСМ, на 14 септември даруваа крв во Центарот за крводарување на Црвен крст на град Скопје во знак на поддршка и заедништво преку чинот на хуманост и солидарност.
На 15 септември кон акцијата се приклучија и крв даруваа 81 припадник на Министерството за внатрешни работи, крводарители кои со својата хуманост се вистински позитивен пример во нашата заедница.
Во просториите на Дневниот центар за дарување крв, 16 септември беше отворен како ден за дарители поканети и мотивирани да даруваат крв преку ООЦК Чаир. На оваа крводарителска акција реализирани беа 26 единици крв.
237 единици крв донирани на акциите не потсетува колку е важно да си помагаме, да се пружи брза и адекватна помош, да се мобилизираат сите ресурси во служба на помошта кон болните, повредените, настраданите и сите оние кои имаат потреба од крв и крвни продукти.