УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА АКЦИЈА НА СПАСИТЕЛИТЕ НА ПЛАНИНА НА ЦРВЕН КРСТ НА ГРАД СКОПЈЕ
На 18.01.2012 година околу 16 часот од полициските станици Карпош и Кисела вода се јавиле на спасителот на планина Оливер Петрески дека на Водно се изгубени две малолетни деца.
За неполни 15 минути наши 4 спасители на планина кои изузетно добро го познаваат теренот, со два џипа веднаш тргнаа во потрага на изгубените деца.
Спасителот Оливер Петрески кој добро го познава теренот, формирал два тима од преставници на единицата на МВР ЕСЗ, едниот тим го предводел тој а другиот спасителот на планина Саша Јакимовски.
Двата тима координирани од спасителот Оливер се упатија по две планинарски патеки кои на крај се спојуваат во една. Потрагата траеше околу 40 минути и за среќа на изгубените деца беа пронајдени, смирени и вратени до паркингот на средно Водно, од каде беа превземени со возило на брза помош.
Во акцијата за спасување учествуваа наши 4 спасители на планина и тоа: Оливер Петрески, Саша Јакимовски, Стефан Гичев и Слободан Митровиќ. И овој пат беше успешна соработката со полицијата.
Нашите спасители на планина, овој месец имаа интервенција на Караџица, патеката Милиниумски крст Матка и на најстрмната патека на Водно каде беше заглавено цело семејство. Покрај оваа на Водно имаа и неколку интервенции на повредени граѓани од кој две тешки скршеници.
Браво за нашите спасители на планина кои секогаш и во секое време се спремни да интервенираат, да пронајдат изгубени, да згрижат повредени и потешко повредените по укажаната прва помош да ги транспортираат до Клиничкиот Центар. Голема благодарност до сите нив.
Црвен крст на град Скопје