Традиционална крводарителска акција во спомен на Тоше Проески
Традиционално, на 25 јануари во холот на Дом на АРМ, по шестнаесети пат беше организирана голема крводарителска акција посветена на големиот хуманист Тоше Проески во знак на одбележување на неговиот роденден. На акцијата крв даруваа 339 лица, од кои најголем број млади дарители. Организатори на крводарителската акција беа Црвениот крст на град Скопје, Општинската организација на Црвен крст Гази Баба , Институтот за Трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот. Поддршка кон акцијата дадоа и волонтерите од Клуб 25- клуб на млади крводарители, мотиватори како и волонтерите од Клуб на млади на Црвен крст на град Скопје и Гази Баба. Г. Живко Поповски Цветин, ја збогати акцијата со неговите препознатливи цветови на хуманоста -подарок за дарителите.
Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин. Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески започна во 2010 година и истите се реализираат во негова чест. До сега, на овие 15 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4 500 крводарители.