Светски ден на прва помош/ Кампања за промоција на Првата помош „Првата помош спасува живот“
Црвен крст на град Скопје и Општинските организации на Црвен крст на територија на град Скопје со координирани активности го одбележуваат Светскиот ден на Првата помош 12 септември. Активностите ќе се реализираат во период од еден месец (12 септември-12 октомври), во вид на кампања, следејќи ги чекорите и насоките од Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина и Националното друштво- Црвен крст на РСМ.
Целта на активностите ќе биде подигнување на свеста кај целокупното население за значењето на Првата помош како животоспасувачка вештина, со акцент на значењето на истата во време на пандемија. Во насока на остварување на целта, подготвени и дистрибуирани ќе бидат поголеми количини промотивни и едукативни материјали. Во нив ќе бидат содржани информации за укажување на Прва помош во итни состојби, со акцент на значењето на сет по Прва помош кој секогаш треба да го имаме во домот и автомобилот и секако насоки што тој треба да содржи. За поголема достапност на информациите до граѓаните, поставени ќе бидат 4 мега лајт површини, а флаерите и постерите ќе бидат дистрибуирани преку јавни и приватни здравствени установи, болници, во банки, ТЦ, поголеми маркети, пазари и други фрекфентни јавни објекти.
Совети за укажување Прва помош, ќе бидат споделени преку социјалните медиуми на Црвен крст.