Стоматолошки услуги за ранливи категории корисници
По потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Црвен крст на Република Северна Македонија- Црвен крст на град Скопје и Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје- Стоматолошки факултет, во периодот март-мај 2022 година, се реализираат бесплатните стоматолошки услуги за ранливи категории корисници. Во оваа фаза, од базата на корисници на Црвен крст на град Скопје, селектирани беа 195 лица во трето доба кои ги користеа услугите.
Согласно податоците, реализирани се над 640 интервенции, 245 интервенции од областа на болести на устата и пародонтот, 266 интервенции од областа на болести на забите и ендодонтот, 130 интервенции од областа на оралната хирургија, а изработенио беа и 2 мобилни протетски надоместоци.
Бесплатните прегледи/интервенции се реализираат од страна на студентите на факултетот, за време на практичната настава, а под наздор на наставниот кадар.
Со наредниот студентски циклус, факултетот ќе ја продолжи соработката со Црвен крст на град Скопје преку континуираната поддршка на ранливите корисници, со цел навремена превенција од стоматолошки заболувања, подигнување на јавната свест во насока на грижа за оралното здравје и навремено идентификување и намалување на ранливоста на лицата- корисници на услугите.