Пункт за бездомници- подготовки за зимскиот период
Пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје, овозможува помош и поддршка на 50 бездомници на дневна основа, кои редовно го посетуваат двапати во неделата. Тие ги користат услугите за одржување на хигиената и берберските услуги. Со нив работи тим од доктор, психолог и социјален работник и согласно нивните потреби се работи на намалување на нивната ранливост и подобрување на здравствената состојба. Покрај овие услуги корисниците редовно може да добијат облека, храна и други материјални добра. Со бездомниците се работи на нивна успешна реинтеграција.
На прагот на зимскиот студен период, Црвениот крст веќе е во подготовки за помош и поддршка на бездомните лица, како исклучителнио ранлива категорија. Согласно оперативниот план, за време на екстремно ниските температури ќе се овозможи сместување во Привременото прифатилиште кое има капацитет да смести 32 лица во исто време, а мобилни тимови на Црвен крст ќе бидат достапни 24/7 за да укажат помош и обезбедат превоз за сите бездомни лица дојавени од терен.
Оваа година, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика на РМ, ваквите услуги покрај во град Скопје, проширени се и во Битола, Струмица, Струга каде се поставени контејнери во кои може да се згрижат по 8 лица. Истите се опремени со ќебиња, храна, а мобилните тимови на Црвен крст во овие градови се подготвени за прифаќање на бездомните лица. Промовирањето на оваа форма на згрижување на бездомните лица, беше на 6.12.2017 г. (среда) во 10:30 часот во пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје, лоциран во Момин Поток. На настанот се обрати ресорната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов и секретарот на Црвен крст на град Скопје Сузана Т. Пауновска.
Функционирањето на Пунктот за бездомници во град Скопје е поддржано од страна на Град Скопје и повеќе компании и индивидуалци.