Празник на Движењето на Црвен крст и Црвена полумесечина
Светскиот Ден на Црвен крст и Црвена полумесечина 8 мај, е роденден на нашиот основач Анри Динан, и тој ден претставува годишно одбележување на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина. Секоја година, Националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина организираат низа активности за промовирање на посебната улога на Движењето во своите земји каде ги решаваат хуманитарните предизвици, не оставајќи никој зад себе. Вработените лица и повеќе од 17 милиони волонтери на Црвениот крст и Црвена полумесечина низ целиот свет помагаат на повеќе од 160 милиони лица секоја година обезбедувајќи различни и иновативни непристрасни услуги. Нашиот пристап е универзален, и се темели на нашите основни принципи: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволна служба , единство и универзалност.
Оваа година, под мотото СИТЕ СМЕ ЦРВЕНИ / TË GJITHË JEMI TÊ KUQ / WE ARE ALL RED, Црвен крст на град Скопје во соработка со Општинските организации на Црвен крст кои дејствуваат на територија на градот Скопје, ќе го одбележи денот на соодветен начин, согласно моменталните околности заради вонредната состојба во државата.
Дистрибуција на насмевки, цвеќиња и маски
По повод 8 мај, Светскиот ден на Меѓународното Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина, денес од 10.00 до 11.00 часот реализирана беше дистрибуција на 1 500 маски и цвеќиња за граѓаните кои беа пресретнати од нашите пет мобилни тимови во централното градско подрачје. Овaа активност беше реализирана во соработка со 5-те Општински организации на Црвен крст кои дејствуваат во Скопје.