Отворен Едукативен тренинг центар за обука на возрасни во Скопје
Едукативен тренинг центар за обука на возрасни наменет за програмите за обука кои ги води Црвениот крст на град Скопје денес се отвори во нови простории.
Центарот е обновен и отворен во рамки на проект поддржан од Австрискиот Црвен крст и Австриското министерство за социјална работа.
На самото отворање се нагласи поддршката од Министерството за образование и наука, центарот за образование на возрасните, како и партнерите кои обезбедуваат силна поддршка за развој на посебни верификувани програми на Црвениот крст за обука на возрасните за стекнување на знаења, вештини и компетенции и создавање на квалитетна и конкурентна работна сила на пазарот на трудот со што се придонесува во зголемување на вработливоста, а со тоа и придонес во економскиот, општествениот и личниот развој.
На отворањето на центарот се обратија генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија д-р Саит Саити, Секретар на Црвен крст на град Скопје г-ѓа Сузана Тунева Пауновска и Министерката за образование и наука г-ѓа Мила Царовска.
Тренинг-центарот при Црвениот крст на град Скопје е верификуван провајдер од страна на ЈУ Центар за Образование на возрасни за следните програми:
- негувател/ка за помош и нега на стари лица и лица со попреченост;
- палијативен/а негувател/ка на изнемоштени лица;
- асистент за нега на лица со Алцхајмерова болест;
- личен асистент на лица со попреченост;
Од големо значење е отворањето на ваков вид на едукативни центри за обука, преку кои се обезбедува висок квалитет на учење и можности за стекнување на квалификации во согласност со потребите на населението.