Одбележан Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвената Полумесечина
По повод 8 мај-Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Црвен крст на град Скопје, се вклучи во глобалното одбележување на овој значаен датум.
Под мото КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ, ПРЕДИЗВИК НО И ОБВРСКА, акцент ставивме на запознавање на населението со климатски промени и едукација за тоа што секој од нас може да направи за спас на планетата Земја.
Централната манифестација се случи на плоштадот Македонија во периодот од 11:30-12:30 каде беа поставени два штанда на кои нашите младинци делеа флаери за климатски промени. За цело време се читаа пораки, факти за планетата и покани за предавањето кое се одржа во домот Даре Џамбаз истиот ден.
Предавањето во ДХО Даре Џамбаз го реализира доц. др. Мирко Трипуноски декан на Факултет на факултетот за економски науки при ФОН Универзитетот во Скопје, во соработка со асс. мр. Мирјана Матевска и мр. Ивица Јосифовиќ од неговата катедра. На предавањето беа присутни сите стручни служби од ООЦК на град Скопје, претставници од ЦКРМ, тимовите за подготвенот и дејствување при катастрофи, клубот на млади, претставници од Министерство на екологија, студенти од катедрата за Екологија, студенти од ФОН, комисиите при ЦК на град Скопје, новинари и др.
По завршување на предавањето во истите простории се направи мала презентација за начинот на справување на минатогодишните катастрофи (пожари и горештини) во Скопскиот регион од страна на Црвен крст на град Скопје, Единица за одговор при катастрофи како и инструменти кои ќе се користат во иднина. Исто така се промовираше Весникот на ЦК на град Скопје Нова димензија, кој излезе по повод 08 Мај
Како втора фаза поврзана со оваа активност се планира предавачот да обучи двајца младинци (запознаени со ова тема) кои ќе одржат предавања во 10 основни училишта на територија на град Скопје на темата КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ, ПРЕДИЗВИК НО И ОБВРСКА. Потоа се планира мини работилница која ќе резултира со изложба.
На овој начин се надеваме дека ќе придонесеме во подигањто на свеста за значењето на правилниот однос на секој од нас кон планетата Земја, ќе го следиме глобален тренд, а воедно ќе ги промовираме активностите на Црвениот крст.