Обезбедување на манифестацијата Водици
Оваа година дневниот весник Нова Македонија, во соработка со Скопската православна епархија при МПЦ, го организираше традиционалниот црковен чин положување на светиот крст во водите на Вардар.
Манифестацијата се одржа на мостот кај хотелот Холидеј Ин.
По добиената покана за учество на Црвениот крст на град Скопје да ја обезбедува оваа традиционална манифестација, се одржа состанок со раководството на Центарот за безбедност на вода, командирот на тимот за спасување на планина и командирот на тимот за одговор при катастрофи.
На состанокот се изготви оперативен план за подготовките и учеството на нашите тимови за обезбедување на манифестацијата.
На терен се направи проценка и тимовите започнаа со подготовки. На 14 и 15.01.2012 година, Центарот за безбедност на вода и тимот за спасување на планина имаа целодневни тренинзи на Вардар.
На 15.01.2012 година на тренингот зеде учество и тимот за одговор при катастрофи. Тренинзите беа напорни, меѓутоа, даваа гаранција за нашите човечки и материјални потенцијали за успешно обезбедување на манифестацијата.
На денот на настанот, 19 јануари во 08:00 часот тимовите беа на терен со целосна опрема. Се постави безбедносното јаже со пловки преку реката, безбедносно јаже на мостот и на кејот за осигурување на чамецот, се направи парапет по брегот за искачување на верниците кои скокаа по крстот.
Подготвениот чамец се спушти во реката, а спасители беа долж реката до јажето за безбедност со вреќички за прифаќање на верниците кои ја напуштаа реката.
Беа подигнати три шатори на кои се вееше знамето на Црвениот крст, а на три места беа поставени и тимови за прва помош.
Точно во 12:00 часот 130 верници скокнаа по крстот. Беа следени од чамец во кој беа 3 спасители, еден спасител во опрема беше во вода, двајца исто така во опрема беа на брегот на реката, а сите останати долж самата реката им помагаа верниците да излезат од реката со вреќички.
Во текот на манифестацијата имавме една интервенција, повреда на нога на еден од верниците кои скокаа по крстот. Нашиот тим за прва помош укажа помош и со возилото на брза помош го префрли до Градската болница.
Во обезбедувањето на манифестацијата учествуваа над 50 волонтери облечени во униформи на Црвен крст.
Честитки на волонтерите, на амбасадорите на Црвен крст, кои и со оваа успешно завршена активност докажаа колку организацијата на Црвен крст е подготвена со човечки и материјални ресурси да одговори на сите предизвици.