Млади за пример, изработени 210 проекти
Во текот на викендот од 4 до 6 Април се оддржа втората подготвителна работилница на ПХВ колегиумот на инструктори во циклусот 2013-2014.
Работилницата се оддржуваше во центарот Солферино во Струга во присуство на 23 национални ПХВ инструктори. Главна цел на оваа работилница беше евалуацијата на пристигнатите мали ПХВ проекти изработени од страна на младинците учесници во овој циклус. Оваа година во ПХВ канцеларијата пристигнаа 210 мали прокети, со што се постави нов ПХВ рекорд на хуманата и несебичната заложба на младите волонтери, учесници во циклусот. Преку својата хуманитарна работа и посветеност овие 1153 младинци помогнаа и поддржија повеке од 3500 лица. Во просек секој мал проект тежи 150 волонтерски часови, што во тотал би било околу 31.500 волонтерски часови. После спроведувањето на ПХВ обуките по ООЦК, младинците учесници во циклусот, поддржани од страна на своите одговорни дисеминатори, имаа период од три месеци во текот на кои тие вредно ги имплементираа своите мали проекти за добробит на заедницата. Тие помагаа во реконструкција на домови, работеа креативни работилници со деца со посебни потреби, описменуваа деца од маргинализирани групо во општеството, изработуваа кутии по прва помош и ги поставуваа во училишта, организираа забави со цел обезбедување на средства за лекување на болно дете, посредуваа при вработување, опремуваа центи за деца со посебни потреби, помагаа на стари лица во текот на зимските месеци, градеа рампи за хендикепирани лица на јавни места во своите градови, и многу други нешта со што помогнаа и го подобрија животот на голем број на лица од различни ранливи категории. Она што е значајно е дека преку своите проекти тие не само што ја подобруваа и ублажуваа состојбата на целните групи, туку оваа година тие целеа многу повисоко и во многу ситуации упееја да изнајдат трајно решение за помош на избраната целна група: обнова на домот, изнаоѓање на вработување за член на семејството, поддршка за операција, описменување на дете и сл.