Хуманитарни акции на децата со оштетен вид
Во рамките на Проектот на УСАИД и ЛЦИФ за деца со пречки во видот, во Центарот за поддршка на лица со оштетен вид при Црвен крст на град Скопје се организираат неколку хуманитарни акции. Се реализираат хуманитарни базари на ракотворби, отворени од 30ти мај до 01ви јуни пред Универзитетот на Југоисточна Европа, на 29ти мај и на 5ти јуни во Трговскиот центар Рамстор Мол и на 1ви јуни во трговскиот центар Капитол Мол. Рачните изработки се направени од децата со оштетен вид и волонтерите на Црвен крст на град Скопје. Граѓаните во овие неколку дена ќе имаат можност да донираат средства со купување на рачните изработки и на тој начин индиректно да учествуваат во реализација на ЦКА-ПХВ проектите. Со собраните средства децата со оштетен вид ќе санираат купатило на едно социјално загрозено семејство, а воедно и ќе реализираат кампања за подигање на свеста на граѓаните за потребите на лицата со оштетен вид. Преку програмата на Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности децата со оштетен вид се обучуваат како да бидат активни членови на заедницата и да помагаат на други ранливи групи во општеството и да имаат активна и квалитетна дневна рутина.