Државен натпревар по Прва Помош, 26 септември 2026 год., Скопје
Првата помош претставува една од темелните активности на Црвениот крст и е суштински дел од хуманитарната мисија на организација. Таа овозможува навремена и соодветна помош при несреќи, повреди и ненадејни заболувања, со што се спасуваат животи, се намалуваат последиците од повредите и се зголемува отпорноста на заедниците.
На 26 септември (сабота) 2026 година, Црвен крст на град Скопје беше домаќин на Државниот натпревар по прва помош – највисокото натпреварувачко ниво во областа на првата помош во организација на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
На натпреварот учествуваа најдобрите 10 младински екипи кои преку општинските и регионалните натпревари ги покажаа своите знаења, вештини и подготвеност за укажување прва помош. Екипите беа од Црвен крст Кичево, Црвен крст Охрид, Црвен крст Виница, Црвен крст Прилеп, Црвен крст Битола, Црвен крст Гази Баба, Црвен крст Карпош, Црвен крст Центар и Црвен крст Кисела Вода. Преку реалистично прикажани повреди и итни состојби, младите ја демонстрираа својата способност за брза, правилна и ефикасна реакција, потврдувајќи дека првата помош претставува хуман чин кој спасува животи.
Натпреварот се случуваше на Плоштадот Македонија, но и во регионот околу него, прв ринг, односно Музеј на холокауст, кеј на реката Вардар, Жена Парк, Порта Македонија, Рекорд.
На натпреварот беа организирани 10 бази, и секој тим на натпреварувачи требаше да помине на секоја од базите, во една траекторија. 5 бази беа од областа на Прва помош, а 5 бази беа од забавно- едукативен карактер.
На официјалното отворање и при доделувањето на признанијата за најдобрите екипи се обратија генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ, д-р Саит Саити, градоначалникот на Град Скопје- г. Орце Ѓорѓиевски, претседателката на Црвениот крст на РСМ- Др. Лилјана Ристевска, претседателка на Црвен крст на град Скопје г-ѓа Ребека Андреева и секретарот на Црвен крст на град Скопје г-ѓа Сузана Т. Пауновска.
Натпреварувањето заврши во 14:30 и потоа младите учеа кореографија за одредена песна од страна на тим од Меѓунаородно училиште НОВА која понатака заедно се изведе со сите учесници на Плоштадот Македонија.
Резултатите од натпреварувачкиот дел беа следни:
Прво место: ООЦК Центар
Второ место: ООЦК Охрид
Трето место: ООЦК Карпош
Во забавниот дел од натпреварот:
ООЦК Битола
ООЦК Гази Баба
ООЦК Карпош
Државниот натпревар по прва помош претставува значаен национален настан за проверка, унапредување и промоција на знаењата и вештините за укажување прва помош кај младите. Натпреварот не само што ги поттикнува младите да стекнуваат нови знаења и вештини, туку придонесува и за градење култура на хуманост, солидарност и подготвеност за помош во заедницата.
