Донација за пунктот за бездомници
Постоењето на пункт наменет за лицата кои немаат сопствено живеалиште, отворен секој петок за основните потребите на лицата- капење, чиста облека, фризерски/берберски услуги, лекарски преглед и поддршка од психолог, за овие месеци го оправда во целост своето делување.
Во него секој петок, лицата бездомници од различни делови на градот доаѓаат и престојуваат по неколку час. За сите нив Црвен крст на град Скопје има обезбеден превоз.
Успешната работа на пунктот и резултатите од неколку месечната активност на истиот, поттикнаа повеќе граѓани и здруженија со свој придонес да помогнат во уште поуспешно функционирање на истиот и задоволување на потребите на оваа категорија ранливо население. Имено на 07.03.2008 год. група хумани жени од Сојузот на жени на град Скопје го посетија пунктот во Момин Поток и донираа хигиенски пакети и облека за лицата кои го посетуваат.
На 07.03.2008 г. и Кардиохирургија Филип Втори за потребите на пунктот за бездомници донираше облека и обувки, а за тројца бездомници кај кои се утврдени кардио васкуларни проблеми обезбеди бесплатни кардиолошки прегледи.
Придонесот на граѓаните и општествено одговорните институции, како и нивното ангажирање на полето на хуманитарната дејност се уште еден показател за оправданоста и потребата од постоење на ваков објект за нашите сограѓани кои спаѓаат во категоријата ранливо население.