Донација за Инфективна клиника
По повод 8 мај- Светски ден на Црвениот крст и Црвена полумесечина, во магацинските простории на Црвен крст на град Скопје во Момин Поток, денес се реализираше донација на артикли од листата на приоритетни потреби на Министерството за здравство, наменета за Клиниката за инфективни болести во Скопје. Донацијата е дополнителна поддршка за оваа институција, во услови на зголемена фреквенција на пациенти. За потребите на клиниката набавени се неопходни материјали (1650 парчиња постелнина, ќебиња, перници, пешкири) кои и беа предадени на Др. Мирјана Пехчевска Поп-Илиев Организациски Директор на Универзитетска Клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби. На настанот присуствуваше и се обрати г. Ламбро Патче од Пивара Скопје, во име на донаторот на финансиските средства за реализација на оваа активност обезбедени од Фондацијата на Coca-Cola компанијата и Пивара Скопје. Од име на Црвен крст на град Скопје, симболично беше подарен букет црвени рози за менаџментот и сите медицински лица на Клиниката, во знак на благодарност за нивната ангажираност.
Денешнава донација е само уште еден позитивен пример за солидарност, општествена одговорност и поттик за меѓусебна помош и поддршка во услови на пандемија.