Црвено крсташи на машкиот камп во Маврово
Годинава по втор пат се реализираше седумдневниот Машки камп за млади лидери од страна на Америчкиот Мировен корпус, кој и овој пат беше реализиран во соработка со Црвениот крст на град Скопје И Американска амбасада. Истиот се случи во периодот од 25 Јуни до 1 Август во детското одморалиште Бунец во Маврово.
Како учесници на овој летен камп учество зедоа деведесетина млади луѓе од целата Македонија, помеѓу кои дваесет младинци беа припадници на младинските клубови на црвениот крст во Македонија, а истите беа регрутирани преку нивното учество и активност во програмата ЦКА-ПХВ во текот на целата година.
Во текот на овој камп учесниците имаа навистина несекојдневна можност да учат и заедно поминат обуки за: лидерство, основи на граѓанско опшество, дисеминација и ЦКА-ПХВ обука (изработка И документирање на мали проекти), тим и тимска работа, лично усовршување, здравје, снаоѓање во природа, прва помош, качување по карпа, кампување во природа, стрелање со лак и стрела, рибарење, изработка на оригами, плетење на белегзии, цртање, боење на маички и голем број на креативни работилници.
Младите луѓе работеа во тимови, а своето слободно време самите го организираа во зависност од сопствените преференции и од изборните активности кои ги избираа. Покрај големиот број на креатвни активности, ним им се нудеше и палета на базични часови од различни странски јазици, како и голем број на спортови помеѓу кои и некои за нас на овие простори нови и необични како рагби и безбол.
Како еден од соработниците на кампот се појави и организацијата YМCА од Британија кои во рамките на кампот поставија шаторска населба, и со тоа овозможија секој од тимовите на учесници да има шанса да помине една вечр кампувајки во природа, дружејки се крај логорскиот оган и учејки за снаоѓањето во природа.