Безбедност пред се!
На 06 ноември 2026 година, Црвениот крст на град Скопје спроведе симулациска вежба на тема „Евакуација на ученици, повредени лица и персонал во случај на земјотрес и пожар“ во ООУ „Наум Охридски“, на територијата на Општина Гази Баба.
Во реализацијата на оваа активност значаен придонес дадоа волонтерите од Тимот за одговор при катастрофи, кои со два тима симулираа пребарување, спасување и евакуација на повредени лица.
Целта на вежбата беше проверка на процедурите за евакуација во училиштето, како и практична примена на интерниот план за заштита и спасување при елементарни непогоди и други вонредни ситуации.
Во вежбата активно учество зедоа и вработените од Сервисот „Итно копче“ при Црвениот крст на град Скопје.
Преку ваквите активности ја унапредуваме подготвеноста, ја зајакнуваме соработката и градиме побезбедна средина за сите.
