Тим за спасување на планина
Тимот за спасување на планина е засебен посебно обучен и специјализиран сектор за планинско спасување и пребарување во пред се тешко пристапен терен со применување на различни техники. Константното надоградување и доедукација на тимот со сите последни начини и техники на спасување и пребарување е клучно за подготвеност за одговор во случај на итна потреба. Примарните обврски на Тимот за спасување на планина се на локално ниво, грижа за посетителите на двете, во Скопје најатрактивни локации за љубителите на планината и висинското качување, Водно „ПСС Даре Бомбол“ и Матка „ПСС Димитар Боцевски“. На двете локации тимот располага со спасителни станици со потребна опрема за одговор во случај на потреба на соодветната локација. Главните должности и обврски на тимот на двете локации се за време на викенд и празници каде посетеноста е најголема, но дежурните телефони, и секако соработката со надлежните институции се олеснителна околност за екипирање и брз одговор во случај на потреба во било кое време. Поддршка за функционирање на спасителните станици дава Градот Скопје.
Припадниците на овој тим се секако волонтери на кои дел професионалниот ангажман им е тесно врзан со обврските и должностите на тимот, додека сите од нив се љубители на планината и активни планинари. Моменталниот број на волонтери со кои располага тимот е 15 лица. Во делот на обуките на членовите, пред се, согласно годишната програма се реализираат како национални, така и меѓународни тренинзи и доедукации, каде волонтерите имаа можност да научат нови техники, да се запознаат со нова опрема и нови начини на спасување и пребарување во случај на потреба на тешко пристапни терени, како и координиран пристап, со цел брзо делување. Тренинзите и обуките досега, резултираат со бројни успешни акции на спасување, пред се на лица љубители на планината но не доволно подготвени за дадените предизвици.
Координатор на одделот, Арџенд Чиљафи – skopje.katastrofi@redcross.org.mk