Пребарувај по датум:

Историјат

Црвен крст во акција-Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) е програма што функционира во рамките на редовните активности на Црвен крст на РМ. Тоа е проект поддржан од Меѓународниот комитет на Црвен Крст, Бирото за развој на образование на РМ и Црвен Крст на Република Македонија. Проектот е имплементиран преку Црвен крст на град Скопје. ЦКА-ПХВ со имплементирање на своите активности започна во 1998 година, a во текот на своето функционирање промени неколку модели и годишни циклуси на функционирање, согласно потребите за поквалитетно функционирање и стремежот кон подобри резултати. Во 2018 година со одлука на Извршен одбор на ЦКРМ се пристапи кон нов модел,  во кој Општинските организации кои сакаат да бидат дел од програмата потребно е да учестуваат со финансиски средства.

Програмата е домашен производ создаден во склад со локалните обичаи и културни норми. Во создавањето на проектот учествувале и континуирано учестуваат многу луѓе, но за автори на проектот се сметаат Екатерина Џајковска, Херби Елмази и Дарко Јорданов а координатор на програмата е Александра Ристовски.

Во првата фаза на имплементирањето, односно до 2003 година, одржани се преку 400 нагледни часови во 84 средни училишта во кои учествувале преку 8.000 ученици и 920 професори и организирани се повеќе од 100 тридневни ЦКА-ПХВ работилници на кои присуствувале над 3.000 ученици, 520 професори и стотици младинци и дисеминатори на Црвениот крст на Р.Македонија. Во 2003 година програмата започна да ја имплементира Црвен крст на град Скопје, задолжен од страна на извршен одбор на ЦКРМ на територија на целта земја по раководство на координаторот на програмата Александра Ристовски.

Според договорот меѓу Црвен крст на град Скопје и Министерство за образование и наука претставувано од Бирото за развој на образование во учебната 2004/2005 година проектот се изведуваше во 11 гимназии од 9 града во рамките на проектните активности по македонски односно албански или турски јазик и литература на тема новинарство или етнологија. Во учебната 2005/2006 година проектот беше имплементиран во 6 училишта во 5 града во Република Македонија, но исто така преку новиот модел за дисеминација за млади како пилот проект влезе преку Општинските организации на Црвен крст Карпош, Гостивар, Охрид, Кочани и Тетово.

Со започнувањето на ЦКА-ПХВ циклусот 2006/2007 во септември 2006 година, ЦКА-ПХВ програма беше имплементирана во сите 34 ООЦК во РМ. Во текот на овој циклус во него беа вклучени и зедоа активно учество вкупно 1189 младинци на возраст од 14 до 19 години од цела Македонија. По завршувањето на ЦКА-ПХВ обуката овие млади луѓе беа поттикнати и мотивирани да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат. После овој успешно имплементиран циклус ЦКА-ПХВ програмата континуирано се спроведува на територија на целата Р. Македонија, опфаќајќи младинци од сите ООЦК во РМ со истиот број на обучени младинци во текот на една година, односно 1200 младинци на возраст од 14 до 19 години.

Национален координатор на програмата: Александра Ристовски, phv@redcross.org.mk

Принципи
Хуманост
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Единство
Во една држава може да има само едно национално друштво на Црвениот крст или Црвената полумесечина. Мора да биде отворено за сите и да ја извршува својата хуманитарна работа на целата територија во земјата.
Универзалност
Меѓународното Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во кое сите друштва што го сочинуваат имаат еднаков статус, одговорности и должности взаемно да се помагаат, делува во целиот свет.
Доброволност
Тоа е движење за давање на доброволна помош кое не е инспирирано од материјални побуди.
Неутралност
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Непристраност
Не прави дискриминација врз основа на национална, расна, верска и класна припадност или политичко убедување. Настојува да ги олесни страдањата на поединците, водејќи се исклучиво од нивните потреби но, давајќи приоритет на најитните случаи.
Независност
Движењето е независно. Националните друштва иако делуваат како дополнение на хуманитарните служби на владите и се предмет на регулирање на националното законодавство, мораат да ја зачуваат автономноста за да можат да дејствуваат во секое време, согласно со принципите на Движењето.