Одбележан Меѓународниот ден на старите лица – 1 Октомври
По повод 1 Октомври – Меѓународниот ден на старите лица, преку социјалната услуга „Дневен престој за стари лица со активно стареење“ и „Центар за давање помош во домашни услови“ при Црвен крст на град Скопје се реализираа повеќе активности со цел да се подигне свеста за важноста на здравјето, активното стареење, социјалната вклученост и грижата за старите лица.
Во текот на денот, на три локации во Скопје – автобуската постојка Зелен Пазар, пред пазарот Буњаковец и на плоштад Сарај, беа поставени информативни пунктови. Граѓаните имаа можност бесплатно да го измерат крвниот притисок и нивото на гликемија, како и да добијат корисни совети и информации за унапредување на здравјето и превенција од страна на медицински тим на социјалната услуга.
Во рамки на одбележувањето беше организиран и хуманитарен базар во Веро Центар, преку кој уште еднаш ја истакнавме важноста на солидарноста, хуманоста и поддршката за лицата во трета доба. Воедно корисниците од дневните престои за стари лица беа волонтери на самиот хуманитарен базар.
Во соработка со Халкбанк, беше реализирана активност на тема „Сигурност, стабилност и доверба за пензионерите“. Активноста беше насочена кон информирање и поддршка на пензионерите, со посебен акцент на значењето на сигурноста, стабилноста и довербата во секојдневниот живот.
Денот го збогативме и со интересна и забавна активност – играта „Нашите години, нашите приказни“. Преку дружење, разговор и споделување спомени и животни искуства, учесниците покажаа дека секоја возраст носи своја приказна, вредност и мудрост.
Активното стареење значи да се живее со достоинство, да се биде вклучен, активен и поддржан. Црвениот крст на град Скопје продолжува да создава можности, активности и услуги кои го поттикнуваат активното учество на старите лица во заедницата, ја зајакнуваат нивната социјална вклученост и придонесуваат кон поквалитетен и достоинствен живот.
