Четврта Меѓународна школа за миграции
Црвениот крст на град Скопје по четврти пат ја организираше летната Меѓународна школа за миграции, која се одржа од 14 до 18 септември.
На школата учествуваа млади од Република Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Грција, Хрватска, Бугарија, Норвешка и Северна Македонија.
Во текот на петдневната програма беа презентирани домашните и меѓународните политики, како и улогата на институциите и организациите во управувањето и справувањето со миграциските текови. Свои искуства и знаења споделија претставници од JRS, Факултетот за безбедност, Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст.
Посебен дел од школата беше симулациската вежба на мигрантска криза, преку која учесниците имаа можност да се стават во улога на мигранти и бегалци и непосредно да се соочат со дел од предизвиците со кои се соочуваат лицата во движење. По вежбата беше реализирана конструктивна рефлексија, со цел подобро разбирање и освестување за нивните искуства и предизвици.
Покрај едукативниот дел, младите имаа можност да се запознаат со културата и традицијата на нашата земја преку традиционалната храна, танците и народните носии, како и преку посетите и прошетките во Струга и Охрид.
Учесниците се стекнаа со корисни знаења и информации кои ќе ги применуваат во понатамошната работа со мигранти, бегалци и лица во движење.
Ваквите иницијативи претставуваат значаен придонес кон рушењето на стереотипите, намалувањето на стигмата и дискриминацијата и градењето поинклузивни и солидарни заедници.
❤️ Школата е реализирана со поддршка од Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC).
