Од денес услугата помош и нега во домот достапна во општина Кисела Вода
Услугата помош и нега во домот, од денес ќе биде достапна и за жителите на Општина Кисела Вода, а корисници може да бидат лица над 65 години, лица со намален функционален капацитет и лица со попреченост, кои не можат да се грижат за себе. За корисниците на оваа услуга секојдневно ќе се грижат 20 лиценцирани негуватели од Нега центар, во рамки на Црвен крст на град Скопје кои ќе им обезбедуваат помош во оддржување на личната хигиена, при обезбедување на потребните намирници и лекови, мобилност во домот и надвор од домот, како и психосоцијална поддршка .
Главен приоритет на услугата е да се создадат можности за секој корисник достоинствено и што е можно посамостојно да ја помине староста во личниот простор, во кој се чувствува безбедно и спокојно. Започнувањето на оваа значајна услуга се одбележа во просториите на општина Кисела Вода во присуство на Секретар на Црвен Крст на град Скопје Сузана Тунева Пауновска, Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.