Пребарувај по датум:
2023-03-22

Проширени социјални услуги

Со потпишување на договорот помеѓу општина Кисела Вода и Црвен крст на град Скопје, Кисела Вода е првата општина каде повозрасните лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, добиваат бесплатен превоз до потребната институција.

Преку оваа мерка, како целна група ќе бидат опфатени повозрасните и изнемоштени лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник, негувател или личен асистент. Со повикување на еден телефонски број, тие можат да добијат бесплатен превоз до потребната институција за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга.

Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода, кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст, секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција, по принципот на временски редослед на закажување.

Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник,  до една конкретна дестинација и назад. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот на прв дојден-прв услужен. Едно лице има право на бесплатен превоз во еден правец максимум 4 пати во текот на 1 година. Транспортот се врши во работни денови од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот

Општина Кисела Вода ги обезбеди финансиските средства за услугата, а Црвениот крст на користење ги става своите возила и човечките ресурси.

Црвен крст на град Скопје, заедно со локалната самоуправа, продолжува со напорите за овозможување на подостапни социјални сервиси, пред сè за лицата од трето доба, меѓутоа и за останатите граѓани кои имаат потреба. Искрено се надеваме дека Општина Кисела Вода ќе биде пример и ќе ги поттикне останатите општини и нивните градоначалници да го препознаат ова како позитивен елемент во модерното живеење на еден урбан град , како што е нашето Скопје.

Принципи
Хуманост
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Единство
Во една држава може да има само едно национално друштво на Црвениот крст или Црвената полумесечина. Мора да биде отворено за сите и да ја извршува својата хуманитарна работа на целата територија во земјата.
Универзалност
Меѓународното Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во кое сите друштва што го сочинуваат имаат еднаков статус, одговорности и должности взаемно да се помагаат, делува во целиот свет.
Доброволност
Тоа е движење за давање на доброволна помош кое не е инспирирано од материјални побуди.
Неутралност
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Непристраност
Не прави дискриминација врз основа на национална, расна, верска и класна припадност или политичко убедување. Настојува да ги олесни страдањата на поединците, водејќи се исклучиво од нивните потреби но, давајќи приоритет на најитните случаи.
Независност
Движењето е независно. Националните друштва иако делуваат како дополнение на хуманитарните служби на владите и се предмет на регулирање на националното законодавство, мораат да ја зачуваат автономноста за да можат да дејствуваат во секое време, согласно со принципите на Движењето.