Програма за помош на мигранти/бегалци во РСМ
Со распламтувањето на граѓанската војна во Сирија, а со тоа и отворањето на т.н Балканска рута која ја опфати и територијата на Република Северна Македонија во јуни 2015 година и напливот на масовен бегалски бран на јужната граница, Црвен крст на град Скопје како имплементатор на Националната програма за помош и поддршка на бегалци и мигранти при ЦКРСМ, започна со формирање на првите мобилни тимови за хуманитарна асистенција на лица во движење, со што со официјалното отворање на двата Транзитно – прифатни центри на северната и јужната граница, беа етаблирани и тимовите за поддршка на институционално згрижени лица која поддршка продолжи и во текот на наредните години.
Според статистичките податоци од 2015 и 2016 година како и во текот на годините подоцна, Црвен крст на град Скопје преку мобилните тимови во двата транзитни центри но и со формирањето на посебен тим задолжен за хуманитарна асистенција на ирегуларната миграција на северната граница на РСМ, пружи помош на близу еден милион бегалци и мигранти, како адекватен одговор за намалување на ранливоста на лицата во движење со помош и поддршка преку медицинска прва помош, делење топли оброци, ќебиња, промоција на хигиена, психо – социјална помош и воспоставување на семејни врски.
Мобилните тимови кои работат во двата прифатно – транзитни центри како и во Мобилен тим Липково се составени од општи лекари, преведувачи од говорните подрачја карактеристични за државите од кои доаѓаат лицата во движење како и логистичари со што се обезбедува 24 – часовна континуирана поддршка со транспорти до општи болници и институции кои работат со мигранти и бегалци згрижени во РСМ. Имплементацијата на националната програма е потпомогната од Швајцарски Црвен крст, НВО Каритас, како и останати донатори.
Секако, со кризата што го зафати Исламскиот емират Авганистан, од 2021 година, Црвен крст на град Скопје започна и со имплементација на проект за хуманитарна асистенција на евакуирани лица од Авганистан кои и понатака престојуваат во неколку објекти на територијата на РСМ.
Помошта и поддршката кон овие лица е имплементирана во соработка со донаторски организации, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, како и УНИЦЕФ, Меѓународната организација за миграции и Македонското здружение на млади правници.