„За повеќе детски насмевки“
Црвениот крст на град Скопје, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Скопје, поддржано од Комерцијална банка а.д. Скопје, имплементира годишна програма за социјализација на деца и млади со посебни потреби и децата сместени во згрижувачки семејства. Цел на истата е подобрени услови за живот на децата без родителска грижа сместени во згрижувачки семејства, како и социјализација и дружење. Во рамките на оваа програма, во текот на целата година, предвидени се повеќе активности од едукативен и забавен карактер во насока на дружење и социјализација на овие групи како и нивна полесна интеграција во општеството.
Како дел од овие активности е и одбележувањето на 1 јуни Ден на згрижувачи кој традиционално го одбележивме со голем хепенинг и дружење со децата и волонтерите на Црвен крст на град Скопје. Оваа година настанот го одбележивме во Зоолошка градина – Скопје. Ангажирани беа аниматори кои ги цртаа лицата на децата и изработуваа балони во различни форми , а посебно уживање за нив беше разгледување на зоолошката со возче. Со нив се дружеше и пејачката Каролина Гочева како и ракометарката Индира Кастратовиќ, а не посетија и корисниците од дневниот центар за церебрална парализа Капиштец. Посебен акцент се стави на хуманоста на самите згрижувачи како позитивни примери во нашето општество.