Волонтери за волонтери
Во месец јуни беше организирано прегледување на малите ПХВ проекти. Тоа е процес кој трае три недели, а завршува со дводневна работилница на која се гласаат сите петки и сонциња кои ги красат малите проекти за добробит на заедницата.
30 ПХВ инструктори беа вклучени во целиот процес и за својот труд, време и посветеност традиционално добиваат мал волонтерски надомест. Но, оваа година целиот тим се откажа од истиот и ги пренамени средствата за младите волонтери Клубот на млади на Црвен крст Кочани, кои дадоа огромна поддршка при справување со тешката ситуација која го погоди нивниот град.
Вкупно 50.000 денари беа префрлени на сметката на Црвен крст Кочани, со цел да се организира работилница за мотивација и уважување на волонтерите – за нивниот труд и ангажман. За некого малку, за некого многу.
Браво за ПХВ тимот на инструктори. Ова е позитивен пример за поддршка на волонтери кон волонтери, луѓе кои искрено го ценат волонтерскиот ангажман, посветеноста и лојалноста кон мисијата и амблемот на организацијата.
Никогаш не се сомневајте дека една мала група ентузијасти може да направи разлика во светот. Всушност, тоа е единственото нешто што секогаш предизвикувало промени.
Волонтерите од Кочани, заедно со службата од ООЦК, имаа прекрасен и заслужен викенд во Дојран– викенд исполнет со дружење, инспирација и нова енергија за идните предизвици.