Уште едно финале на ЦКА-ПХВ
Прославувањето на меѓународниот ден на Црвен крст и Црвена полумесечина со организирање на финалната ЦКА-ПХВ работилница токму на овој датум веќе одамна прерасна во традиција.
Па така и оваа година, девети пат по ред, финалната ЦКА-ПХВ работилница се одржа од 8 до 10 Мај во центарот Солферино во Струга.
Педесет и пет млади ентузијасти пратени од своите седум дисеминатори имаа ретка можност да поминат три дена запознавајки се и дружејки се заедно, притоа учејки за културата како систем од вредности, за комуникацијата и комуникациските техники, тимот и тимската работа, анализирајки ги пристигнатите 113 мали проекти, евалуирајки го циклусот кој полека изминува, и се разбира, поминувајки и споделувајки незаборавни мигови заедно. Со тимска работа, сите овие заеднички мигови како и единственоста на атмосверата на самата работилница верно ја доловија и сублимираа во филмот, брошурата, флаерот и драмата кои сите заедно со здружени сили ги изработија.
Оваа година нашите драги млади хумани ентузијасти навистина се надминаа себе си и заслужуваат секаква пофалба. Со заеднички сили, вредно работејки, тие изработија рекордни 113 мали проекти за добробит на заедницата во која што живеат. 58 од овие прроекти беа оценети како проекти кои направиле значаен придонес за пошироката заедница за која биле наменети и како такви сите беа оценети со фаза 5. девет од овие проекти се издвоија како проекти со особено благородна мисија, кои и те како ги трансформирале животите на целните групи за кои што биле наменети.