Светското првенство во безбедност и спасување на вода, “RESCUE 2012”.
Во периодот од 07 до 18 Ноември во организација на Меѓународната федерација за безбедност на вода и Федерацијата за безбедност на вода на Австралија во Аделаид, Јужна Австралија се одржа Светското првенство во безбедност и спасување на вода, “RESCUE 2012”.
На светскиот настан, кој генерално беше организиран во натпреварувачки дисциплини на отворени и затворени води, учествуваа повеќе од 4000 натпреварувачи и официјални лица кои беа дел од 42 национални тимови и 268 клубови за спасување на вода.
Во центарот на светските случувања од областа на безбедноста на вода учествуваше и македонскиот национален тим составен од тројца членови на Центарот за безбедност на вода на Црвен крст на град Скопје – еден национален делегат и лидер на тимот и двајца натпреварувачи кои своите вештини и техники на спасување ги прикажаа во 3 натпреварувачки дисциплини на затворени води.
Македонскиот национален тим беше дел од програмата наменета за националните тимови во развој, односно согласно мотивите и агендата за реализација на Светското првенство “RESCUE 2012”, македонските натпреварувачи заедно со натпреварувачите од останатите предвидени земји во развој беа теоретски и практично обучени (од страна на тренери од Федерацијата за безбедност на вода на Австралија) за начинот на натпреварување во сите натпреварувачки категории на отворени и затворени води.
Mакедонските репрезентативци успешно ја презентираа националната политика и развојот на полето на безбедност на вода во Република Македонија, а дополнително ја реализираа и целта за комплетна интеграција на службата за безбедност на вода во меѓународните структури.