Спроведена обуката за пиер едукатори во рамките на ПРОЕКТ:МЛАДИТЕ И БОНТОН КУЛТУРАТА КОН ЛИЦАТА СО ХЕНДИКЕП
Клубот на млади на Црвен Крст на Град Скопје во ноември 2007г. започна со реализација на проектот младите и бонтон културата кон лицата со хендикеп, со поддршка од ФИООМ-СОРОС, а како партнерска организација во проектот се вклучи младинската мрежа Блу Скај.
Општата цел на проектот е едукација и подигање на свеста кај младите за бонтон културата кон лицата со хендикеп. Преку овој проект ќе се изградат капацитетите на младите на Црвениот крст на град Скопје и Општинските организации за пиер едукација во однос на бонтон културата кон лицата со хендикеп, како и промовирање на бонтон културата кон лицата со хендикеп меѓу младите на возраст од 15 до 19 години преку пиер едукативни сесии и активно вклучување на младите со хендикеп во заеднички активности со младите во Црвениот крст и други млади.
Во периодот од 04-06.04.2008 год. како дел од проектот беше спроведена и обука за младите од клубот на млади на ЦК на град Скопје, 5-те ООЦК на територија на град Скопје и младинската мрежа Блу скај за темата хендикеп прашање на човекови права. На семинарот во Центарот за едукација на кадри во Струга активно учество земаа и четири лица со хендикеп.
Оваа обука претставува еден чекор во надминување на бариерите и предрасудите кон лицата со хендикеп, а придонесе младите луѓе да го зајакнат својот став дека не постојат подвоености поради постоењето на одреден хендикеп. Акцент секогаш и секаде треба да се става на индивидуата како личност, а не на неговата надворешност. Дружењето и комуникацијата на сите учесници на обуката е вистински пример за млади луѓе кои се подготвени да ги надминат бариерите и стекнатото искуство да го споделат и пренесат на останатите свои врсници.