Развој на социјалните сервиси на Црвен крст на град Скопје (ЦКГС)
Следејќи ја динамиката и целите на државниот систем за социјална заштита, а во насока на лиценцирање на даватели на социјални услуги, ЦКГС веќе неколку години ги лиценцира своите социјални сервиси.
На овој сет на лиценцирани социјални сервиси во кои спаѓаат Персоналната асистенција, Дневниот центар за стари лица и Нега центарот, во иднина очекуваме да се приклучат Пунктот за бездомници, Дневниот центар за лица со попреченост над 18 год. „Пролет“, Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка и Дневниот центар за стари лица со нова локација.
За таа цел, преку одделот за социјално-хуманитарна дејност, а со експертиза на ЈУ Завод за социјални дејности -Скопје се реализираше информативна работна средба за анализа на правилниците за лиценцирање како и чекорите во процесот.
Во текот на летниот период тимовите на сервисите интензивно ќе работат на процесот на адаптација, со цел финално поднесување апликација за лиценцирање.
Одделот за социјално-хуманитарна дејност на ЦКГС силно верува дека процесот на лиценцирање е можност за дополнително унапредување и стандардизирање на услугите во насока на подобрување на услугата за крајните корисници.