Превенција од зависности – заедно за поздрава млада генерација
Месец ноември, традиционално посветен на борбата против зависности, Црвен крст на град Скопје и Општинските организации го одбележаа со организирање врснички едукации во 11 средни училишта низ градот, како и во Клубот на млади при Црвен крст на град Скопје.
Со оглед дека младите се една од најранливите групи – изложени на притисок од врсници, желба за експериментирање и недоволно информации – ваквите едукативни сесии претставуваат значаен чекор во нивната заштита. Преку интерактивна презентација, едукатор и поранешен припадник на МВР им ги објасни ризиците од употребата на алкохол, дрога и цигари, а учениците добија можност да поставуваат прашања и да добијат практични, јасни и корисни совети.
За дополнителна поддршка и подигнување на свесноста кај своите врсници, младите волонтери на Црвен крст на град Скопје изработија и едукативно видео на истата тема. Нивната порака е силна и едноставна: информирањето и поддршката се најдобрата превенција!
