ПРАЗНИЧНА ПРИКАЗНА НА ВОЛОНТЕРИТЕ КОИ СЕ ГРИЖАТ ЗА СТАРИТЕ ЛИЦА ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ
Проектот се развива и имплеметира со основна цел за развивање форми на вонинституционална заштита и обезбедување грижа и здравствена заштита на стари и изнемоштени лица.
Целна група на проектот се 120 стари и изнемоштени лица и повеќе од 60 стари лица – активни пензионери во Дневен центар за стари лица. Проектот се имплементира од 2011 година со финансиска поддршка од страна на Градот Скопје, Министерството за Труд и Социјална Политика и компанијата ЕВН Македонија, а поддржан од Австрскиот Црвен крст и Австриската Агенција за равој. Во проектот се вклучени 20 волонтери и 4 медицински сестри кои помагаат на ранливото населние во градот Скопје во третото доба или како што изјави една од корисничките за весникот Дневник: – „…волонтерката од Црвен крст е млада токму како за внука, но во неа препознав пријателка, некаква сигурност ми доаѓа како дневна доза мевлем за сите мои рани… многу сум благодарана што постојат волонтерите, па на овие години да имам со кого да си разговорам. Секој втор ден ги чекам на капијата. Како да очекувам пријатели на кафе. “ Тие се 20 на број, тие се движечка сил , а ова се нивните приказни: БИЛО ВО ДОБРО ИЛИ ЛОШО – НИЕ СМЕ ТУКА ЗА НИВ (Приказна на Роберт Раман – волонтер во проектот) Дел сум од проектот повеќе години и своите корисници ги чувствувам како свои баби и дедовци. Со една од “моите“ баби живееме во исто маало, така еден ден ја сретнав на клупата кај мене пред зграда. Поразговаравме и заминав дома, но само по петнаесетина минути една жена тропна на мојата врата и ме замоли да се симнам долу, бидејќи на бабата ѝ се слошило – да бидам со неа додека дојде брзата помош. Се стрчав долу. Брзата помош веќе беше пристигната. Се пробив низ насобраната толпа и влегов во амбулантото возило. Се претставив, кажав дека сум волонтер во Црвениот крст, дека бабата е дел од нашиот проект и јас ја посетувам во домашни услови и им реков дека можеби ќе им помогнам, доколку им се потребни некои информации. Бабата беше во полусвесна состојба: се обидуваше да каже нешто, но не можеше убаво да го изговори. Докторите установија дека се работи за низок шеќер кој довел до губење на свеста. Се обидуваа да дознаат од неа кои апчиња за шеќер ги пие, но бабата не можеше да одговори. Претходниот ден бев до аптека да ѝ ги земам потребните лекови, па набрзина ги изговорив двата вида на лекови за шеќер што ги купив за неа. Докторите ме прашаа да не сум можеби нејзин внук, а јас повторив дека сум волонтер на Црвен крст. Токму тогаш пристигна и нејзиниот син – некој од нејзините соседи веќе го имаа повикано да дојде. По неколку минути бабата дојде при свест. Кога забележа дека освен син ѝ и јас сум покрај неа, почна да ме гушка, да плаче и да ми се заблагодараува. Ја испратив до дома, поразговаравме уште малку, па ја оставив да се одмори. Ѝ ветив дека наредното утро ќе дојдам да ја посетам. Уште еднаш ми се заблагодарија и таа и нејзиниот син, па си заминав.На пат кон дома размислував за целата ситуација – ми олесна што сѐ заврши добро. Се чувствував пресреќен што бев таму да помогнам. Со самото тоа што една од нејзините пријателки ме повика мене, знаев дека бабата е задоволна од нас – волонтерите, дека навистина ѝ помагаме. ХЕРОЈ (Приказна на Маја Пецева – волонтер во проектот) Ѕвонам на ѕвончето. Oд внатре слушам лаење на кутре кое со отвoрање на вратата ми скока во прегратка од радост, а на вратата стои тој – херојот во оваа приказна. Среќен што ме гледа на овој ден, на неговиот ден, на денот кога го слави неговото име, а јас по некој момент среќна на мојата интуиција од ташната извадив еден поклон полн љубов. Велам полн љубов бидејќи поклонот беше подготвуван и пакуван од шест пара раце на волонтерите на ЦК. Со насолзени очи и цврста прегратка не знаеше на кој начин да ми се заблагодари за убавиот гест, за работата која ја извршува Црвениот крст и се разбира за новата торба која радосно ќе ја носи бидејќи старата веќе почнала да го губи својот квалитет. Ја смести торбата на посебно место, јас се сместив на моето место, чајот го сместивме на масичката, а потоа започна приказната на дедо. Да имаш сѐ, а да немаш ништо, да имаш љубов, а да не ја чувствуваш, да го имаш сиот спокој, а сепак душата да ти е растргната е состојбата со која се соочува нашиот дедо – херој. За него нема ден и ноќ – тој e постојано буден следејќи ја состојбата на својата сакана. Наутро додека таа спие, тој пазари, потоа готви, ја буди саканата да појадуваат, но поради нејзината состојба ретко кога го придружува за појадок. Во текот на ноќта таа се буди, посакува да стане, да ги размрда стегнатите мускули. Немоќна е, врзана за кревет и количка. Го има изгубено секој осет за каква било потреба, а со тек на времето заборава и за миговите од животот, но тука е дедо да ја потсети, да ѝ зборува, иако понекогаш не го слуша, да ја тера да вежба, да стане, да јаде, и покрај тоа што таа несака. Тој на своите рамена ја држи сета тежина на нивниот живот, ја одржува нејзината убавина, го негува секој заеднички миг. Тој со љубов зборува за нејзината убавина, умешност, спретност, за сето тоа да си поигра со нејзиниот живот и полека да згасне. Тој не е повеќе во состојба да ја издржи тежината на нејзината болест, нејзината старост, бидејќи и самиот тој е веќе стар. Дури во еден момент рече: ,,Па, нека пукне веќе еднаш бомбата која се наоѓа во нејзиниот мозок, може сите ќе се спасиме“, за потоа да следи: ,,Но, не дај боже да се случи тоа, да не останам сам“. Повторно насолзени очи. Јас првпат гледам маж кој не е од моето семејство да пушти солза. Чудно е чувството кога маж плаче. Болката која ја чувствуваат е искрена и навистина боли. Во тој миг се разбуди бабата. Се упативме кон нејзината соба. Потребно беше подолго време за да ме препознае. За миг посакав да доживеам љубов како нивната. Јас несакам да ги заборавам миговите поминати со нив, миговите поминати со вас. Ние стануваме херои уште од млади. Нашето херојство расте секој оној момент кога заѕвонуваме на вратите на нашите корисници и им подаруваме внимание. Ние сме херои кои тежнееме по подобро општество. Нашата хуманост е несебична, а љубов безрезервна. Верувам дека секој од вас се соочува со херој, а јас со мојот останува да пиеме уште многу шолји чај и да имаме уште многу заеднички средби