Поддршка за населението погодено од поплавите во Скопје
По обилните врнежи од дожд и излевањето на повеќе водотеци во периодот од 14 до 16 февруари, кои предизвикаа поплави во повеќе региони на Северна Македонија, Црвениот крст на Република Северна Македонија спроведе координиран и навремен хуманитарен одговор преку својата мрежа на општински организации, тимови за одговор при катастрофи и волонтери.
Црвениот крст на град Скопје, во координација со ЕЛС и општинските кризни штабови, по сумирањето на податоците за настанатите штети на територијата на град Скопје, утврди дека најпогодени се делови од населените места во општина Сарај, и тоа селата Арнакија, Букович, Семениште и Чајлане, поради директно излевање на коритото на тамошната река.
По извршената првична проценка, на 19 февруари, Црвениот крст во прв наврат интервенираше кај 11 најзагрозени семејства, обезбедувајќи поголема количина храна, средства за хигиена, ќебиња и душеци. На 26 февруари, по извршени консултации со Општина Сарај, беше реализирана и втора дистрибуција за сите лица погодени од поплавите.
Во рамки на хуманитарната интервенција, Црвениот крст обезбеди и дистрибуираше:
-72 пакети храна
-57 пакети хигиена
-40 душеци
-100 ќебиња
-облека
Во хуманитарниот одговор беа ангажирани волонтери и вработени од Црвениот крст на град Скопје, кои континуирано делуваа на терен, обезбедувајќи логистика, транспорт и дистрибуција на помошта.
Црвениот крст останува присутен на терен и подготвен да обезбеди дополнителна поддршка согласно развојот на состојбата и реалните потреби на населението.
