Почеток на ПХВ циклусот 2026
На 12 и 15 јануари се одржаа два онлајн состаноци со секретарите на Општинските организации на Црвен крст. Вкупно 33 секретари и претставници од ООЦК учествуваа на средбите, чија цел беше споделување на новитетите поврзани со ПХВ програмата за 2026 година, навремена подготовка за квалитетен избор на дисеминатори и обезбедување целосна поддршка во текот на целиот ПХВ циклус.
Секретарите беа информирани за критериумите за избор на одговорен дисеминатор, кој ќе добие целосна обука и ќе ја спроведе програмата во својата ООЦК со група од 30 младинци на возраст од 13 до 17 години.
Целта на ПХВ програмата е промена на дневната рутина на младите, промоција на активен начин на живот, поттикнување активен пристап преку реализација на мали проекти, промоција на културата како систем на вредности, како и регрутирање нови волонтери.
Во текот на оваа година се планира обука на 41 дисеминатор, вклучување на 1.230 млади лица и реализација на околу 130 мали проекти за добробит на заедницата.
