Отворено прифатилиште во Пунктот за бездомници во Момин поток
Кревет за привермено згрижување ќе можат да добијат бездомниците во ново отвореното Прифатилиште за бездомници кое на 17 Ноември беше пуштено во употреба од страна на Гренералниот секретар на Црвен крст на Р.Македонија, Саит Саити и Градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.
Прифатилиштето ќе функционира во рамки на постоечкиот Пункт за бездомници во Момин поток кој е прв и единствен во земјата и обезбедува услуги за бездомниците повеќе од две години. Истиот е отворен понеделник кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и петок кога добиваат и чисти алишта, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток. Транспортот на корисниците на услуги на пунктот се обезбедува од страна на Црвениот крст од неколку локации во градот и по добиените услуги се враќаат повторно на истата локација.
Во периодот од две години може да се заклучи дека поголемиот дел од овие лица немаат здравствено осигурување, боледуваат од хронични болести (белодробни заболувања, зголемен крвен притисок и заболувања на срцето и крвотокот, кожни заболувања). Тимот на Црвениот крст обезбеди 4 хируршки интервенции на овие лица во болниците во Клиничкиот центар во Скопје.
Работата со нив во изминатиот период укажа на потребата од место за прифат за бездомниците кои поради здравствени и/или психосоцијални потреби неопходно е да добијат и привремено згрижување до надминување на состојбата.
За таа цел со финансиска поддршка од Градот Скопјe (1 400 000,00 денари) се зголемија капацитетите на пунктот за 60 м2, со тоа што новиот простор опремен сo кревети, тоалет, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање на истиот ќе одговори на потребите на овие лица.
На отварањето присуствуваше и амбасадорот на Словенија, Брајан Бергант кој во името на група словенечки компании донираше чек од 4 000 Евра за подобрување на условите на прифатилиштето.