Пребарувај по датум:
2011-11-15

Црвен крст на град Скопје добитник на наградата ФЕНИКС

Овогодинешниот добитник на наградата Феникс која ја доделува општината Центар е Црвениот крст на град Скопје.

Наградата Феникс се доделува на физички и правни лица од општината Центар и од Република Македонија како знак на општествено признание за особени постигнувања во различни области од значење за развојот на Општината и нејзина афирмација во Република Македонија и во светот.

Оваа година тимот и волонтерите на Црвениот крст на град Скопје напорно работеа на повеќе активности и кампањи чии централни случувања и резултати беа посветени на граѓаните на општина Центар.
Беа спроведени активности по повод Денот на гладта и Неделата на солидарност и беше организирана кампања по повод Светскиот Ден на Црвениот крст под мотото Пронајди го Волонтерот во Себе.
Клубот на Млади на Црвен крст на град Скопје организираше ден посветен на децата од згрижувачки семејства како и Новогодишна елка на желби за истата целната група на територија на општина Центар.

Исто така, на територијата на општина Центар Црвениот крст на град Скопје спроведе четири крводарителски акции и тоа на 21ви јануари и 5ти октомври во спомен на Тоше Проески во соработка со Тоше Фан Клуб, на 14-ти јуни по повод светски ден на крводарителство и на 26-ти јули по повод земјотресот во Скопје.
Централна активност која особено даде придонес за развој на општината, особено во образованието, е успешната имплементација на ЦКА-ПХВ програмата во сите основни училишта во општината.
Со оваа програма беа опфатени 202 ученика кои добија основни знаења за Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина и научија како да изработат и документираат мал проект за добробит на заедницата.
Наградата Феникс за организацијата на Црвениот крст на град Скопје претставува потсетник за успешноста и вложениот труд но, особен акцент става на идејата за секојдневното повторно раѓање и будење на хуманоста во општеството, баш онака како тоа го прави самиот Феникс.

Принципи
Хуманост
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Единство
Во една држава може да има само едно национално друштво на Црвениот крст или Црвената полумесечина. Мора да биде отворено за сите и да ја извршува својата хуманитарна работа на целата територија во земјата.
Универзалност
Меѓународното Движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во кое сите друштва што го сочинуваат имаат еднаков статус, одговорности и должности взаемно да се помагаат, делува во целиот свет.
Доброволност
Тоа е движење за давање на доброволна помош кое не е инспирирано од материјални побуди.
Неутралност
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина настана како резултат на желбата да им се помогне на ранетите на бојното поле и тоа без било каква пристрасност, како и да го спречи и олесни човековото страдање секогаш кога е тоа можно.
Непристраност
Не прави дискриминација врз основа на национална, расна, верска и класна припадност или политичко убедување. Настојува да ги олесни страдањата на поединците, водејќи се исклучиво од нивните потреби но, давајќи приоритет на најитните случаи.
Независност
Движењето е независно. Националните друштва иако делуваат како дополнение на хуманитарните служби на владите и се предмет на регулирање на националното законодавство, мораат да ја зачуваат автономноста за да можат да дејствуваат во секое време, согласно со принципите на Движењето.