ЦРВЕН КРСТ НА ГРАД СКОПЈЕ- 77 ГОДИНИ ЗА ВАС
На 31 мај (вторник) во 18.00 часот, Црвен крст на град Скопје организираше ДЕФИЛЕ НА ХУМАНОСТА, по повод денот на основање на градската организација на Црвен крст. На дефилето зедоа учество повеќе од 1000 лица, вработени и волонтери на Црвен крст на град Скопје и 5-те ООЦК, корисници на услуги на Црвен крст, соработници…, предводени од градскиот оркестар. На дефилето учествуваа возила на Црвен крст, панорамскиот автобус на ЈСП и членовите на мото клуб Потфат МС. Кон парадата се приклучи и градоначалничката на Град Скопје г-ѓа Данела Арсовска, претставници на Советот на Град Скопје, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров г. Александар Стојкоски како и генералниот секретар на ЦКРСМ г.Саит Саити, претседателот на ЦКРСМ г. Ромел Велев, секретарот на ЦКГС г-ѓа Сузана Т.Пауновска и секретарите од 5-те Општински организации на Црвен крст на територија на град Скопје. Учесниците во дефилето се движеа по Булевар Кочо Рацин-11 Октомври, па сè до Плоштад Македонија како финална дестинација.
Сите учесници носеа обележје, наменски изработени маици со логото на Црвен крст и слоганот- За Скопје со љубов.
На последната точка од дефилето, Плоштад Македонија, учесниците во дефилето го формираа знакот на организацијата- црвениот крст.
На плоштадот беа поставени и штандови на Црвен крст со касичка за донации со цел поттикнување за донирање на учесниците и минувачите, а со заедничка цел -поддршка на Клинички центар “Мајка Тереза”- Ургентен центар на ЈЗУ Универзитетски клиники по хируршки болести преку набавка на наменска количка/плакар за чување и транспорт на лекови.
Преку дефилето, во кое учествуваа лица од различна возрасна структура, лица со попреченост, лица корисници на социјалните сервиси во ЦК на град Скопје, волонтери, наши партнери и поддржувачи и сл. ја покажеме заедничката моќ на хуманоста, големината на организацијата и ја пренесовме пораката дека никој не е оставен зад нас.
Црвениот крст на град Скопје (ЦКГС) е основан во 1945 година и е дел од Националното Друштво на Црвениот крст на Република Северна Македонија и со тоа и дел од Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената Полумесечина. ЦКГС ја има координативната улога над Општинските организации на Црвен крст на територијата на град Скопје.
Црвен крст на град Скопје е доброволна, масовна, независна хуманитарна организација на граѓаните на град Скопје која дејствува и работи согласно позитивните прописи на државата, Законот на ЦК на РСМ, Статутот на ЦК на РСМ и својот статут.