30 години ПХВ програма
На 25 март се одржа промоцијата на монографијата „Три децении човечност“, дело на Љупчо Милковски, Весна Терзиоска, Илина Јакимовска и ПХВ координаторката Александра Ристовска, со поддршка од Националното друштво, ПХВ инструкторите и Меѓународниот комитет на Црвениот крст – канцеларија во Белград.
Во 30 поглавја, на 144 страници, хронолошки е раскажана приказната – од самите почетоци, преку трансферот од МКЦК во Црвениот крст, периодот на адаптација и развој, создавањето на тимот на инструктори, обуките за младинците и дисеминаторите, резултатите, мотивацијата и менторскиот систем.
Опфатен е и меѓународниот аспект – искуствата од Шри Ланка, Косово, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, предизвиците за време на ковид-периодот, ПХВ неделите, како и признанијата и освоените пехари. Особено значајни се и 35-те мали ПХВ проекти – по еден од секоја ООЦК – како доказ за влијанието низ целата мрежа.
На самиот крај, Ивана Маринчек, психолог и гешталт-терапевт, дава силен осврт за значењето на волонтерството и трајните промени што волонтерите ги создаваат во заедницата.
