Реализирана обука за укажување прва психолошка помош при кризни состојби
Секторот за полициски работи од општа надлежност при Одделот за униформирана полиција, во соработка со Црвениот крст на град Скопје, реализираше семинар за прва психолошка помош наменет за полициски службеници во Охрид.
Семинарот беше спроведен од психолог од Црвениот крст на град Скопје, при што беа обработени теми од особено значење за полициската професија, меѓу кои: укажување прва психолошка помош во кризни состојби, основни принципи на психолошката поддршка, справување со тагување и загуба, како и грижа за вработените и зачувување на нивното ментално здравје.
Покрај теоретскиот дел и стекнатите знаења, семинарот опфати и практична обука за укажување прва помош при масовни несреќи. Во овој сегмент, волонтерите на Црвениот крст и полициските службеници заеднички ги демонстрираа своите вештини, надградувани и за време на претходниот тренинг модул реализиран во Центарот „Солферино“ во Струга.
Оваа обука придонесе за зајакнување на капацитетите на полициските службеници за навремено препознавање, соодветно реагирање и обезбедување прва помош и прва психолошка помош во кризни и вонредни ситуации – како кон граѓаните, така и кон своите колеги.
