Предавање за прва помош во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ – Скопје
На 11 ноември 2025 година, во Државно училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, се одржа едукативно предавање и практична обука на тема „Прва помош“.
На настанот активно учествуваа 12 ученици на возраст од 9 до 13 години, придружувани од нивните ментори и наставници, кои заедно ја следеа програмата подготвена со цел да ги запознае младите со основните принципи на укажување прва помош во случај на повреда, без свест или опасност по живот.
Предавањето се одвиваше во топла и мотивирачка атмосфера, при што учениците покажаа голем интерес, љубопитност и искрена желба да научат како правилно да реагираат во итни ситуации. Преку интерактивен пристап, демонстрации и практични вежби, тие имаа можност да научат како да препознаат повреда, да повикаат помош и да применат едноставни техники за запирање крварење и имобилизација.
Настанот претставуваше дел од континуираните активности на училиштето насочени кон поттикнување на самостојност, безбедност и општествена одговорност кај учениците, особено кај младите со оштетен вид.
