10 Октомври – Светски ден на менталното здравје
Kорисниците на социјалната услуга „Дневен престој за стари лица за активно стареење“ учествуваа на интерактивна работилница посветена на психичката добросостојба и справување со стресот.
Под водство на психологот Јана Зенговска, се отвори искрена дискусија за секојдневните предизвици и емоционалните потреби на лицата во златните години.
Преку практични вежби и техники за релаксација, учесниците научија како да ги препознаваат и контролираат стресните ситуации, како и да се грижат за своето ментално здравје.
Целта на активноста беше да се подигне свеста за значењето на психолошката поддршка и да се поттикне позитивен пристап кон менталното здравје, како клучен дел од квалитетниот и достоинствен живот во третото доба.
Да не заборавиме – менталното здравје е еднакво важно како и физичкото. Да се грижиме еден за друг.