Услугата „Итно Копче“ и посебен превоз достапни за повозрасните граѓани на Гази Баба
Услугата „Итно Копче“ функционира со иновативен аларм-уред кој на лицата им овозможува брз и лесен пристап до помош во секое време.
Сѐ што е потребно е да го притиснат копчето на уредот, по што ќе добијат повик од операторот на контакт центарот на Итно Копче. По воспоставувањето на контакт, корисникот ќе ги сподели информациите за своите тегоби, а обученото лице ќе му даде понатамошни насоки. Доколку е потребно, ќе биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом.
Оваа услуга која е достапна 24/7, е овозможена преку соработката со општината Гази Баба и претставува уште еден чекор напред кон грижата за најранливите категории на граѓани.
За почеток, Гази Баба дава поддршка со 10 вакви уреди, со можност за зголемување на поддршката доколку има интерес и потреба.
Истовремено, достапна е и услугата за бесплатен превоз за повозрасните граѓани од Гази Баба, кои истиот можат да го закажат на телефонскиот број 02/15330.